Нема застареност во извршувањето на затворската казна на поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, информираат од Министерството за правда.
-Согласно известувањето од Основен суд Куманово, апсолутна застареност на извршувањето на казната по пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр.809/05 настапува на 26.03.2028 година. Застареност констатира само надлежен суд, наведуваат од ресорот правда.
Ова значи дека Даравелски останува во затворот во Идризово.
Oд Основниот суд Куманово информираа дека по приемот на правосилната пресуда преземале повеќе дејствија, со кои текот на застарувањето на извршувањето на казната е прекинувано.
МВР вчера околу пладне на граничниот премин „Табановце“ го приведе Даравелски, кој беше баран со меѓународна потерница.
Даравелски, во 2007 година во отсуство беше осуден на казна затвор во траење од седум години. Тој во 2016 година еднаш веќе беше уапсен во Белград, но не дојде до негова екстрадиција.
Тој се товареше дека додека бил директор, ја злоупотребил службената должност и овластување, а неговиот заменик, второобвинетиот Киро Доцевски беше обвинет за истото дело, но и за фалсификување службена исправа. Доцевски беше осуден на казна затвор во траење од четири години и 10 месеци. Според обвинението, со работењето на Даравелски и на Доцевски државата била оштетена за 2,5 милиони евра
Со истата пресуда судот одлучи на двајцата да им се заплени имот во висина од 103 575 167 денари најдоцна 30 дена по правосилноста на пресудата.
Во јули 2010 година, Агенцијата за управување со одземен имот, врз основа на правосилна пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје, со решение до Агенцијата за катастар на недвижности на РМ изврши промена на сопственост на имотните листови на две парцели во КО Куманово и една во КО Центар – Скопје од лицето Драган Даравелски во корист на Република Македонија, а со истата пресуда, со решение извршен е пренос на имотот на поранешниот сопственик Киро Доцевски во КО Куманово во сопственост на Република Македонија.