Најмалку 18.885 деца се убиени во Појасот Газа од почетокот на израелската воена операција пред речиси две години, соопшти денес владата во Газа, со што вкупниот број на жртви на Палестинците изнесува повеќе од 62.000.
Обединетите нации предупредија дека ниту едно место во Газа не е безбедно за децата, објави Ал Џезира.
Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA) соопшти дека училиштата под нејзина покровителство станале засолништа за стотици илјади цивили, но самите биле постојано напаѓани од израелски напади.
УНИЦЕФ соопшти дека во последните пет месеци од војната во просек биле убиени повеќе од 540 деца месечно.
Во последните напади, израелските сили вчера убија најмалку 51 Палестинец, вклучувајќи осум лица во близина на точка за дистрибуција на помош во јужна Газа.
Најмалку уште 12 цивили беа убиени во напади врз шатори за раселени лица во Кан Јунис и Деир ел-Балах.
Нападите се особено интензивни во градот Газа, каде што израелската армија го зазеде предградието Зејтун и ја гранатира блиската населба Сабра.
ООН вели дека хуманитарната криза се продлабочува – повеќе од 100 деца и 150 возрасни починале од глад и неухранетост од јуни поради израелската блокада за помош.
И покрај ескалацијата, дипломатските напори за посредување во прекин на огнот се во тек.
Катар соопшти дека Хамас прифатил предлог за 60-дневен прекин на огнот и размена на затвореници.
Предлогот вклучува ослободување на 10 израелски заложници и телата на 18 убиени во замена за 200 палестински затвореници и зголемена хуманитарна помош.
Израелската влада сè уште официјално не одговорила.
Медиумските извештаи посочуваат дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не е подготвен да се согласи на делумен договор и инсистира на ослободување на сите израелски затвореници.