Симулацијата, создадена од проектот „Атомска архива“, прикажува како силата на една нуклеарна бомба се шири во пет концентрични зони, секоја со свои страшни последици.
Анимацијата, која собра повеќе од 13 милиони прегледи, нагласува дека дури и луѓето кои се оддалечени повеќе од две милји од центарот на експлозијата не се безбедни.
Во најоддалечената, прва зона, силниот светлосен блесок предизвикува трајно оштетување на очите, а понатамошното топлинско зрачење создава изгореници од втор степен. Ударниот бран пак, предизвикува губење на слухот и дури трајна глувост.
Преминувајќи во втората зона, која е блиску од 600 метри до 1,27 километри, ударниот бран соборува луѓе од нозе, а многу од нив страдаат од раскинување на ткивата и потреси на мозокот. Овде изгорениците од трет степен го зафаќаат поголемиот дел од телото, што ги прави повредите смртоносни.
Во третата зона, блиску до експлозијата, ударниот бран доаѓа со неверојатна брзина од 800 километри на час и буквално ги фрла луѓето како кукли. Во оваа зона телата претрпуваат внатрешни повреди, руптурирани органи и тешки фрактури, додека белите дробови се колапсираат под притисокот од ударниот бран.
Во четвртата зона, од 200 до 350 метри од епицентарот, луѓето се изложени на смртоносната огнена топка, каде што телата прво изгоруваат, а потоа се оддувани од силниот ударен бран – без никакви шанси за преживување.
Најблиску до епицентарот, во петтата зона, температурата достигнува неверојатни 15 милиони степени Целзиусови, повисока и од онаа во јадрото на Сонцето. Во оваа зона, сè буквално испарува во дел од секундата, претворајќи сè во црвено-жешка плазма.
Иако анимацијата е направена за експлозија на отворен простор, реалноста би била уште пострашна во урбаните средини, каде што стаклените шрапнели, урнатините и пожарите би предизвикале дополнителни смртни случаи и разрушување.
Како што е коментирано на социјалните мрежи: „Нуклеарната бомба нè учи една важна лекција — најдобро е да бидеме многу далеку… или многу блиску.“
Извор: Vecernji.hr