Затворени два угостителски објекти за време на новогодишната ноќ

од Nikola Popovski
349 прегледи

За време на новогодишната ноќ затворени се еден угостителски објект во Струмица и еден во Битола, соопшти претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашковска на денешната прес-конференција.

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ги спровел контролите во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) и извршил 4652 контроли и 278 надзори поврзани со почитување на протоколите за работа на угостителските објекти.

„Изречени биле 35 прекршочни пријави, 24 решенија за констатирани неправилнсти и 16 прекршочни платни налози. Од 24-те решенија, пет се донесени за непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и протоколот за работа на угостителските објекти – по два во Битола и Тетово и за еден во Струмица, каде што не се почитувало работното време и ограничувањето за четири лица на една маса. Во сите случаи е изречена забрана за вршење дејност, тие се затворени за работа на самото место и дополнително се изречени соодветни прекршочни платни налози“, информира Грашковска.

Директорот на ДПИ, Стојко Пауновски одговарајќи на новинарски прашања, уште информираше дека очекува оваа година Инспекторатот да има нови вработувања зашто според договорот со Владата и во рамки на дозволениот буџет за плати, ќе вработат инспектори на местото на тие што се пензионираат.

„Нашето барање беше околу 20 луѓе да примиме во 2020 и 2021. За оваа година имаме најавени 32-33 пензионирања, што значи бројката од 20 нови примања ќе ја спроведеме. Дел од кусокот на вработени инспектори во ДПИ во овој период го пополнивме со преземање други административни службеници“, изјави Пауновски.

Слични содржини