Затворените странски вентили го засилуваат притисокот врз домашните извори на пари

од Vladimir Zorba
82 прегледи

Во неможноста од задолжување надвор, власта го зголемува притисокот врз домашните банки кои работат со парите на граѓаните и фирмите. Експертите се загрижени, граѓаните вознемирени, банкарите смирени, пишува Дојче веле.

mnogu_pari_3

Штедните влогови во домашните банки веројатно се сигурни, но изворите за финансирање стануваат се посуви што дефинитивно треба да биде причина за загриженост и тоа сериозна, предупредуваат експерти. Во отсуство на надворешни извори на финансирање, главно поради изборите но и длабоката политичка криза, власта е приморана да се задолжува дома, односно го зголемува притисокот кон банките и дел од пензиските фондови и осигурителните друштва кои работат доминантно со пари на граѓаните и на фирмите. Во изминативе месеци тие се главните финансиери на кусокот во буџетот, односно со нивни пари се покрива дефицитот преку емисиите на државни хартии од вредност. Експертската јавност предупредува дека ваквата резервна опција за власта на подолг рок дефинитивно би ги истоштила банките и ќе влијае неповолно на кредитната активност и воопшто на финансиските текови.

Притисокот врз домашните банки допрва ќе расте

Таквото сценарио никој не го посакува, но тоа е речиси пред врата, предупредува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини:

„Ако досега сѐ уште нема сигнали за повлекување на штедните влогови на граѓаните и фирмите, првите последици од секнувањето на приливите на пари од надвор веднаш ќе се одрази врз населението затоа што тие пари што сега се слеваат во Македонија некаде завршуваат како плати, пензии, или во разни материјали. Кога тие нема да можат да се исплатат, тие обврски кон одделни категории и групи граѓани веднаш тие ќе бидат принудени ако имаат одредени износи на штедни влогови да ги повлекуваат за да имаат да јадат и да пијат. А ако продолжи вака состојбата тогаш тоа ќе ни се случи многу скоро, така што ќе дојде неизбежното и дури тогаш тоа за што деновиве се зборува ќе влијае психолошки. Притисокот кон домашните банки допрва ќе засили, кои до сега велат дека штедните влогови се стабилни и имаат пари за државни обврзници. Но ако секнат странските извори тоа ќе се одрази апсолутно врз сите сегменти и финансиски текови. Излезот ќе го платиме сите затоа што овој народ не покажа државотоврна зрелост да идентификува и произведува во демократски услови луѓе кои мотивирани државата да ја крадата, а не да ја градат. Сигналите се премногу очигледни, ова што денеска го гледаме не значи ништо, но ќе повторам сигналите се очигледни и не се добри“, предупредува Хајредини.

Веќе наредниот вторник Владата ќе се обиде да собере дури 100 милиони евра за финансирање на буџетските потреби, што во вакви услови секако дека е голема сума. Добар дел од овие средства се за раздолжување, но и за плати, пензии, социјални трансфери:

„Неспорно е дека се задолжуваме од домашен пазар, хартиите од вредност што се со рочност до една година скоро до последен денар се запишувани од банките. Хартиите што се над една година најголем дел се запишуваат од пензиските фондови и осигурителните компании. Се се` тоа домашни средства, а и наредните 100 милиони евра во денарска противредност ќе се финансираат од домашни средства. Инаку последното задолжување од надвор беше Еврообврзницата од 2015. Во меѓувреме од странство пристигнуваат само некои помали наменски транши од веќе договорени кредити“, изјави за Дојче веле Кире Наумов, дополнителен заменик министер за финансии.

Дека тоа е така соопштија и од Светска банка од каде официјално потврдија дека работат со Македонија на веќе започнатите проекти. Но истовремено и потврдија дека до изборната разврска нема да продолжат со нови проекти во земјата.