Завојуваните страни во Сирија се договорија да преземат мерки за прекин на судирите, соопшти државниот секретар на САД, Марко Рубио.
Сириската армија се повлече од провинцијата и градот Сувејда, по масовните израелски воздушни напади врз Дамаск вчера. Израел својата воена акција ја правдаше со заштита на сириските Друзи, кои претставуваат значителен дел од населението на Сувејда.
Ситуацијата на теренот останува напната, додека сирискиот претседател Ахмед ал-Шараа повикува на национално единство и примирје со Друзите
Израел во средата изврши серија моќни воздушни напади врз сирискиот главен град Дамаск, донесувајќи ескалација на судирот кој почна меѓу Друзите и сунитските Бедуини, по што вчера во градот Сувејда блиц-криг интервенција изврши сириската војска. Таа се нафрли на Друзите.
Нападите, кои според сириските власти усмртиле најмалку три лица во главниот град, ги натераа американските функционери да реагираат итно за да спречат поширок конфликт меѓу двете соседни земји. Сирија се согласи да ги повлече своите сили од јужниот град Сувејда и постигна нов договор за прекин на огнот со друзиските милитантни групи во тој регион.
Денеска ќе се состане Советот за безбедност на ОН за да дискутира за разгорениот израелско-сириски конфликт. ЕУ вчера го повика Израел веднаш да ги прекине нападите врз Сирија.
Израел и вчера и завчера вршеше воздушни напади врз сириската војска, но во јужните делови на земјата, каде е забележително присуството на Друзите.
Од САД стигнаа сигнали дека е договорен прекин на огнот. Државниот секретар на САД, Марко Рубио на социјалната мрежа Х напиша дека се договорени „конкретни чекори што ќе стават крај на оваа тревожна и ужасна ситуација оваа вечер“.
Во телевизиско обраќање утрово, сирискиот претседател Ахмед ал-Шараа изјави дека нацијата е соочена со две опции: „отворена војна“ со Израел „по цена на нашите Друзи“, или дозвола за верските водачи на Друзите „да се вратат на разумот и да го стават националниот интерес на прво место“.
Израел вчера изврши жестоки напади по Генералштабот на сириските вооружени сили и реонот околу претседателската палата во Дамаск.
Израел ги опиша новите сириски власти како „лошо маскирани џихадисти“ и прача дека нема да им дозволи да распоредат сили во Јужна Сирија.