Заврши амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

од Vladimir Zorba
254 прегледи

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја заврши амандманската расправа за ребалансот на Буџетот. Прифатени се осум амандамни на ребалансот на Буџетот, од вкупно 222 колку што беа поднесени. Меѓу прифатените амандмани има и неколку поднесени од опозицијата.

Во тек е седницата на Законодавно-правната комисија која го разгледува ребалансот и прифатените амандмани, по што повторно ребалансот на Буџетот треба да се врати на Комисијата за финансирање на верификација. Потоа Собранието го враќа назад предложениот ребаланс на Буџетот до Владата, која треба да ги вгради прифатените амандмани и да го врати текстот во Собранието.

Се очекува ребалансот на Буџетот да биде ставен на дневен ред на седницата закажана за 22 јули. Дебатата за него е предвидено да трае пет дена.

Со предложениот ребаланс на Буџетот приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2021 година, што според предлагачот се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет. Дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.

Зголемување има и кај капиталните расходи за 6,5 милијарди денари и се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари. Нивното учество во вкупните расходи на буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 проценти што е повисоко ниво од просекот во последните десет години.

Слични содржини