Со ремито во Билефелд, екипата на Лајпциг го задржа четвртото место на табелата по последното коло во Бундеслигата, па следната година ќе игра во Лигата на шампионите. Штутгарт во судиското продолжение го совлада тимот на Келн и успеа да опстане во натпреварувањето. Шампионот Баерн ремизираше во Мајнц, Халанд со гол се прости од дресот на Дортмунд.
Имаше одредени сомнежи пред последното коло во Бундеслигата, особено за борбата за последното место кое води во Лигата на шампионите, но и за битката за опстанок.
Три екипи се стремеа кон четвртото место кое води во елитата, а до него стигна Лајпгиг, кој на крајот од мечот против Арминија во Билефелд извлече бод.
Унион во Берлин го совлада тимот на Бохум со 3:2, што беше доволно за петтото место на табелата и пласман во Лига Европа.
Таму следната година ќе игра и Фрајбург, кој во последното коло беше поразен на гостувањето кај Леверкузен со 2:1.
Штутгарт со гол во втората минута од судиското продолжение стигна до трите бода против Келн, па „Швабите“ и следната сезона ќе играат во елитата.
STUTTGART SCORE A 92ND MINUTE WINNER TO STAY IN THE BUNDESLIGA!!! 😱 pic.twitter.com/MSCfun2LSg
— ESPN FC (@ESPNFC) May 14, 2022
Херта пропушти можност да се спаси – водеше на полувремето во Дортмунд, но Борусија дојде до пресврт со головите на Халанд од пенал и Мукока.
Норвежанецот со гол се прости од дресот на „милионерите“, бидејќи во преодниот рок ќе го засили Манчестер Сити.
Херта во баражот за опстанок во лигата ќе игра против третопласираната екипа од Втората Бундес лига.
Ново-стариот шампион Баерн одигра 2:2 во Мајнц, а Роберт Левандовски го постигна 35-от сезонски гол во Бундеслигата.
Табела:
1. Баерн 77
2. Дортмунд 69
3. Леверкузен 64
4. Лајпциг 58
5. Унион 57
6. Фрајбург 54
7. Келн 52
8. Мајнц 46
9. Хофенхајм 46
10. Менхенгладбах 45
11. Ајнтрахт 42
12. Волфсбург 42
13. Бохум 42
14. Аугсбург 38
15. Штутгарт 33
16. Херта 33
17. Арминија 28
18. Гројтер Фирт 18