Заврши истрагата за Палевски, судењето нема да започне на 30-ти јули

од Nikola Popovski
67 прегледи

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје достави известување за завршена истрага до првоосомничениот Љупчо Палевски за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.

Со ова тече законскиот рок на одбраната да изврши увид во доказите. По истекот на овој рок и поднесување обвинение, јавниот обвинител ќе предложи спојување на судските постапки против вкупно петмина обвинети за овој кривично-правен настан, бидејќи постојат законските основи предвидени во член 28 од Законот за кривична постапка. Со цел да се овозможи единственост на постапката, обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30-ти јули против четворицата претходно обвинети.

Истражната постапка е завршена и за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело. Постапката против него ќе се води одвоено.

Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023, и според МВР, во потрагата по неа биле вклучени стотина полициски службеници, биле прегледани снимки од 50-ина камери и направени голем број информативни разговори. Безживотното тело на Вања беше пронајдено пред недела дена, во близина на скопското село Бразда. Нејзиното исчезнување го пријави нејзината мајка, а во потрагата се вклучија и надлежните институции и голем број граѓани.

Заднината на случајот со Ѓорчевска била да се изнудат пари од мајката на Вања, бил вмешан и член на семејството, а организаторот на сето тоа е и извршител на убиството.

Љупчо Палевски-Палчо беше екстрадиран од Турција, откако избега по убиствата.

Слични содржини