Заврши мандатот на Кичевски на чело на ЈП Паркинзи: „Ги реализиравме сите испланирани проекти“

од Берта Китинска
307 прегледи

Мандатот на Васко Кичевски како директор на јавното претпријатие за јавни праркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“ заврши денес, а тој преку отворено писмо го претстави извештајот за реализираните активности и капитални инвестиции за изминатите четири години под негово раководство.

Вели дека за времетраењето на неговиот мандат ги реализирал сите испланирани проекти. Му посака успешна работа на новиот директор на јавното претпријатие и се надева дека ќе ја продолжи успешната приказна на институцијата со којашто ќе раководи.

„ЈП Паркинзи на Општина Центар е првото претпријатие во земјата кое целосно се дигитализираше преку воведување на нова веб платформа и мобилна апликација преку кои граѓаните можат брзо, лесно и едноставно да ги користат услугите на претпријатието и паркиралиштата со кои стопанисува по електронски пат“, истакнува тој додавајќи дека преку новата мобилна апликација претпријатието им овозможи на жителите на Општина Центар да ги пријавуваат сите комунални проблеми во општината со цел да се решат брзо и навремено.

„Го воведовме светскиот тренд во рециклирањето преку проектот „И отпадот има вредност!“ и постави 25 повратни вендинг машини за пластични шишиња и лименки со цел да ги мотивира жителите да се вклучат во одржувањето на јавната чистота преку селективното одложување отпад, собирањето и неговото рециклирање кој е од големо значење за обезбедување на здрава и чиста животна средина во општината“, пишува Кичевски.

„Во рамките на проектот „И отпадот има вредност!“ ЈП Паркинзи на Општина Центар ја спроведе и кампањата „Да го исчистиме Центар од хаварисани возила“ со цел да се ослободат паркинг местата и јавните површини на територија на Општина Центар кои се зафатени од страна на хаварисани и напуштени возила и приколки кои претставуваат опасност за жителите и животната средина.

Следејќи ги светските трендови во паркинг индустријата, ЈП Паркинзи на Општина Центар воведе и мрежен систем за автоматска наплата на затворените паркиралишта со кои стопанисува со цел да се зголеми контролата и безбедноста на паркиралиштата.

Освен капиталните инвестиции, ЈП Паркинзи на Општина Центар реализираше и едукативни проекти и кампањи со цел да се реши проблемот со паркирањето на територија на Општина Центар“, пишува меѓу другото, Кичевски во својот отчет за сработеното.

Слични содржини