Министерството за здравство информира дека во целост е завршена монтажата и инсталирањето на системот за компримиран воздух на Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје“. Монтирани и инсталирани се: 3 (три) компресори со сета потребна придружна опрема (резервоари, сепаратор, автоматски одвојувач на конденз електронски контролиран, циклонски сепаратор отстранување на влага и масло на излезен степен од компресор и друга пропратна опрема); замена и монтажа на бакарен цевен развод, приклучни места; разводни ормани за компримиран воздух за снабдување на Операциониот блок од 12 сали и 2 сали на Пластична Хирургија, согласно европската фармакопеја, изработена согласно европската директива 93/42/EEC.
Од МЗ додаваат дека во тек е пробна работа на системот за компримиран воздух на Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје“. По завршување на пробната работа Министерството за здравство ќе одреди термин за целосен прекин на снабдувањето со компримиран воздух на сите клиники во болничкиот комплекс, за поврзување со останатите корисници.
После спроведување на претходно наведените активности, истиот ќе биде ставен во целосна функција за ЈЗУ во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје.
Лани наталожени проблеми во инсталацијата за кислород и во компресорската станица неодамна доведоа до крах на здравственот систем на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде одреден период беа затворени хируршките сали. Итни, неодложни и комплицирани операции се вршеа на клиниката, додека полесните случаи се препраќаа во ГОБ „8 Септември“ и Градската општа болница – Хирургија „Св Наум Охридски“.
Јавното обвинителство и Народниот правобранител го истражуваа случајот, за да утврдат дали има кривично дело и дали се прекршени правата на пациентите. Хируршките сали на Клинички центар се стари околу 30 години.