Министерството за правда информира дека Управата за извршување на санкциите денес го спровела претходно најавениот вондреден надзор во затворот Струга со цел да се проверат околностите поради вчера осуденото лице Сашо Мијалков не беше спроведено во Основниот кривичен суд во Скопје за судењето по предметот „Титаник 2“. Според анализата, грешката за неспроведувањето на Мијалков е всушност превид на Кривичниот суд.
-Со оглед дека се утврдило дека овој акт е ист со претходно доставениот за расправата која била на 23.11.2022 година закажана за 12.12.2022 година, заклучено е дека веројатно се работи за грешка, особено поради фактот што ни судот не ја воочил грешката и не доставил исправка на овој акт. Имајќи предвид дека КПД Струга претходно постапувал уредно на сите судски барања, а во овој случај не се работи за погрешно постапување, туку за превид на судските служби, Управата за извршување на санкциите не смета дека постои одговорност кај било кој вработен во КПД Струга, велат од Правда.
Во соопштението се додава и дека се разговарало со Мијалков.
-Одговорните во КПД Струга денес по електронска пошта се известени за следната закажана судска расправа на 26.12.2022 година и спроводот на осудениот е веќе планиран, информираат од Министерството за правда.
Директорот на КПД Струга, Ваљон Ќуља вчера изјави дека добиле наредба за спровод на Мијалков на 28.11.2022 година за одредено судско рочиште на 12.12.2022 година.
Од Кривичниот суд тврдеа дека на 14.12.2022 година затворот во Струга има примено наредба за спровод на обвинетото лице за вчерашната расправа.
Случајот „Титаник 2“, каде што меѓу обвинетите покрај Мијалков, се и лидерот на ДПА Мендух Тачи и четворица поранешни членови на Државната изборна комисија, беше вратен на повторно судење во Основниот кривичен суд, откако Апелација ги укина првостепените пресуди.
Со првостепената пресуда, Мијалков доби 3 години затвор, а на 3 години и 2 месеци беше осуден Мендух Тачи.
Делото на Мијалков за конкретниот предмет застарува за нешто повеќе од четири месеци.