Заврши операцијата на лидерот на јужнокорејската опозиција, позната неговата состојба

од Stefanija Kuzmanovska
317 прегледи

Лидерот на јужнокорејската опозициска Демократска партија, Ли Џае-мјунг, кој беше прободен со нож во вратот за време на посетата на јужниот град Бусан, е опериран, се опоравува на интензивна нега и е во свесна состојба.

Портпаролот на партијата Квон Чил-сеунг изјави за новинарите дека Ли Џае-мјунг (59) бил опериран во Националната универзитетска болница во Сеул каде што бил пренесен со хеликоптер веднаш по нападот.

Осомничениот, кој носел хартиена круна со името на Ли, му пришол и му побарал автограм додека Ли го обиколувал градилиштето на новиот аеродром со група поддржувачи и новинари.

Напаѓачот потоа скокнал и го прободел Ли со нож во вратот, пренесува „Ројтерс“.

Квон рече дека лекарите се сомневаат на оштетување на југуларната вена (која поминува од главата, надолу по вратот и во горниот дел на градниот кош).

Напаѓачот бил брзо совладан, а претставник на полицијата во Бусан рекол дека користел нож долг 18 сантиметри, купен преку Интернет.

Тој додаде дека напаѓачот, чиј идентитет не го откри, е роден 1957 година и изјави дека мотивот се истражува.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол го осуди нападот.

„Овој вид насилство никогаш не смее да се толерира под никакви околности“, истакнал тој.

Слични содржини