Заврши деветиот ден протести против францускиот предлог, организиран под мотото „Ултиматум, не благодарам“, со поддршка на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Протестот помина мирно и без инциденти, а за првпат после неколку денови беше сменета рутата на движење на протестната поворка. Демонстрантите наместо кон Министерството за правда, се упатија кон зградата на МНР, поминувајќи покрај плоштадот и споменикот на „Скендербег“, каде минатата недела дојде до инцидент со група граѓани, при што беше употребено и оружје.
Реонот околу Старата скопска чаршија беше под силно полициско обезбедување и со присуство на голем број полициски специјалци.
Поворката заврши пред зградата на Собранието, од каде што беа упатени пораки за оставка на министерот Бујар Османи и за неприфаќање на францускиот предлог-преговарачка рамка на земјава со ЕУ.
На протестот присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со најтесното раководство на партијата, како и градоначалници и симпатизери.