Во Кривичниот суд, продолжува рочиштето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и пензионерот од Велес, Панче Жежовски, со завршниот збор на Обвинителството. Смета дека се докажала вината за кривичните дела што им се ставаат на товар на петтемина обвинети.
Според Обвинителството, насилното одземање на основното право на живот, особено кај дете, не е само чин на суровост и бруталност, туку директен напад врз човештвото. Меѓу другите докази од постапката кои повторно ги образложи, посочи дека од камерите на „Сејф сити“ неспорно произлегло дека обвинетите на критичните денови се движеле заедно, за да ги извршат кривичните дела.
На последното рочиште на кое почнаа завршните зборови, обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска во излагањето, кое траеше скоро 4 часа, само ги повтори сите сведочења на сведоците и повторно ги прочита сите изведени докази, без да ги толкува. Таа не направи никакво поврзување на доказите, не зборуваше за мотивите, за планирањето на злосторствата и за нивната цел, не потенцираше дека обвинетите немаат алиби.
Завршни зборови треба да даде и одбраната.