ОБНОВЕНО: „Здравје Радово“ ќе се продава, извршител запленувал кај Орце Камчев

од Vladimir Zorba
761 прегледи

Најголемата млекарница во Македонија „Здравје Радово“ ќе се продава откако на 16. ноември извршител напрвил заплена во сопственичкиот удел во млекарницата.


„Здравје Радово“ должи 4 милиони и 300 илјади евра како главен долг, 20 илјади евра по основ на камата, и 9 илјади евра плус ДДВ – трошоци за извршител, се наведува во официјалниот документ објавен на Централниот регистар,објави телевизијата Алсат.

Понатаму, Алсат пренесува дека продажбата на млекарницата ќе ја прави НЛБ Тутунска банка од каде млекарницата наводно  земала кредити, а не ги враќала.
Две фирми се јавуваат како сопственици во „Здравје Радово“ – 99 проценти од млекарницата се во сопственост на Земјоделскиот комбинат Пелагонија, а еден процент поседува компанијата Пелагонија Енерџи ДООЕЛ.

Сопственици на ЗК Пелагонија се Орка Холдинг на Орце Камчев, Цветан Панделевски и контроверзната оф шор фирма „Ексико“.
Во одборот на директори на Комбинатот има пет члена, меѓу кои неизвршни директори се Камчев и Панделевски, кој е сосптвеник и на фирмата „Пелистерка“.

Втората компанија која се јавува како сопственик на „Здравје Радово“, Пелагонија Енерџи ДООЕЛ исто така е под заплена на извршител поради долгот на млекараницата.

Од НЛБ Банка АД Скопје пак негираат дека во моментов се води постапка за присилна наплата против Друштвото за производство и трговија Млекара Здравје  Радово ДОО увоз-извоз Скопје.

Тие велат дека банката има започнато постапка за присилна наплата против должникот Земјоделски комбинат Пелагонија акционерско друштво од Битола, а заради наплата на побарувања. Во рамки на наведената постапка од страна на  надлежен извршител е издаден налог за заплена на удел, кој должникот Земјоделски комбинат Пелагонија го поседува во Друштвото за производство и трговија Млекара Здравје Радово ДОО увоз-извоз Скопје.

НЛБ Банка напомена дека дејствува согласно законските прописи и во насока на заштита на интересите на нивмите депоненти и интересите на Банката воопшто.
„Како системска банка во Република Македонија, во рамки на нашите надлежности секогаш настојуваме да  обезбедиме стабилност и примарна цел на Банката е нормално функционирање на компаниите“, се вели во соопштението.