Здравствените работници најавуваат помасовни протести доколку не добијат повисоки плати

од Nikola Popovski
280 прегледи

Да се потпише Анексот на Колективниот договор во здравството, а коефициентите на сложеност на работните задачи да се усогласат со трошоците за живот, побараа здравствените работници на протестот пред ресорното министерство. Незадоволни од сегашните примања, побараа идната Влада, да им ги коригира платите.

Ако не се исполни барањето за потпишување анекс од кое не отстапуваат, здравствените работници најавија помасовни протести.

-Во овој момент целта е да испратиме две пораки. Масовноста на протестот ја покажува неговата сериозност, односно дека она што го испраќаме како порака е многу значајно, истакна претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски.

Се сретнаа и со претставници на министерството. Средбата протоколарна и информативна, но пораката недвосмислена – недоволно стручен кадар ги пополнува дупките во јавното здравство што настануваат поради егзодусот на медицински персонал. Само од јавните клиники годишно си заминуваат од 200 до 250 лекари, како и медицински сестри и рендген техничари.

-Значи, еден апел до министерот – да се формира таа комисија што побрзо, да се доврши изработката на колективниот договор, да се стави на маса и да се потпише, рече претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.

Синдикатот на клинички центар, дополни, повеќе пати апелира и му даде поддршка на претходниот министер и на тој пред него.

Протестот е поддржан од ССМ. Паралелно, денеска, здравствените работници излегуваат на протест и пред здравствените домови низ државата.

ССМ на 2 април организираше уште еден протест. Тој се одржа пред зградата на Врховниот суд, каде што „судиите добија жолт картон“ поради одлуката да им се одземе сопственоста на Работничкиот дом.

Слични содржини