Здружение на јавни обвинители: Објавите на Божиновски кон обвинителка од ОЈО ГОКК и нејзиното најтесно семејство ги надминуваат сите граници на толеранција

Од Здружението велат дека ќе ги преземат сите потребни чекори за поддршка и институционална заштита на своите членови

од Nikola Popovski
56 прегледи Фото: Фејсбук профил на Зоран Божиновски

Здружението на јавните обвинители најостро реагира на објавите на социјалните мрежи од лицето Зоран Божиновски, кое се декларира како фриленс новинар, а, како што велат, своите профили и страници континуирано ги користи за клевети, навреди и притисоци врз повеќе јавни обвинители.

Иако јавните обвинители извршуваат јавна функција и во таа смисла нивната работа може да биде предмет на јавна критика, сепак, потенцираат оттаму, последните вулгарни и недостојни објави на Божиновски, особено во однос на јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и нејзиното најтесно семејство ги надминуваат сите граници на толеранција и нормален јавен дискурс.

-Нагласуваме дека станува збор за јавна обвинителка која исклучително професионално ја врши својата должност, постапува во особено тешки и сложени предмети, што ја прави неприфатлива секоја форма на притисок во однос на нејзиното постапување.

Изнесувајќи лажни и навредливи информации за јавните обвинители ова лице се обидува, штитејќи евентуални заднински интереси во конкретни предмети, да влијае врз конкретните јавни обвинители, но и да го наруши професионалниот углед на целата јавнообвинителска фела.

Со оглед на тоа што Божиновски, поради непочитување на кодексот и професионалната етика на новинарите, е исклучен од новинарските здруженија, јавните обвинители кои се соочуваат со континуирани напади преку неговите објави не се во можност да ги искористат инструментите на саморегулација.

Од тие причини, Здружението на јавните обвинители има обврска да реагира и ќе ги преземе сите потребни чекори за поддршка и институционална заштита на своите членови кои се соочуваат со притисоци преку објавите од Божиновски, стои во реакцијата на Здружението.

Обвинителите реагираат на објавите на новинарот кон обвинителката Милица Гаврилова и нејзиниот сопруг.