Здружение на Оштетени штедачи: Како адвокатот на Костовски ја затворил фирмата со невратен долг од 220 илјади евра кон Еуростандард?

од Vladimir Zorba
331 прегледи

Славко Секулов, долгогодишен личен адвокат на Трифун Костовски, ја затворил неговата фирма во време кога имала невратен долг од околу 220 илјади евра кон Еуростандард банка. Фирмата Камбриум ДООЕЛ Скопје, чиј единствен сопственик бил Славко Секулов, е затворена односно избришана од регистарот на активни фирми на 18 февруари 2019 година, околу една и пол година пред затворање на Еуростандард банка. Како е можно адвокатот на Трифун Костовски свесно да ја затворил неговата фирма со невратен долг од околу 220 илјади евра кон Еуростандард банка?, прашуваат денеска од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Фирмата Камбриум ДООЕЛ Скопје е основана во јуни 2014 година со непаричен влог од 5 илјади евра. Седиштето на фирмата било во стан во централното градско подрачје на Скопје. Како единствено обезбедување за земениот кредит од Еуростандард банка за оваа фирма се води обична меница. Бидејќи фирмата е затворена во 2019 година, а ниту има било какво друго обезбедување за невратениот кредит освен обична меница, долгот не може да се наплати.

Како е можно да не се отворил стечај за оваа фирма само поради долгот кон Еуростандард банка туку таа директно се затворила!? Како е тоа дозволиво да се направи?

Се прашуваме, дали е ова начинот на којшто Трифун Костовски плаќал за некои негови адвокатски услуги со наши лични пари, пари од депозитите? Дали е можеби ова и начинот на којшто се извлекувале парите од нашите депозити од банката преку блиски соработници на Трифун Костовски како што тоа е направено во случајов со фирмата на неговиот личен адвокат Славко Секулов?

Што е ова ако не чист криминал!? Вакви и слични криминални активности во банката има многу. Според официјалниот извештај за Еуростандард банка, раководството на банката има одобрено и доделено ненаплатливи кредити на 58 фирми во вкупен износ од околу 16,8 милиони евра, за чие обезбедување се дадени единствено обични меници. Кредити кои денес не можат да се наплатат.

По којзнае кој пат, јавно го повикуваме Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да делува. Молкот мора да заврши и одговорност за организираниот криминал во Еуростандард банка мора да има“, додадоа од Здружението на оштетени штедачи.

Слични содржини