Здружение за заштита при работа: Прекувремената работа на Коридорите ќе мора да препостави  прераспоредување на работното време или воведување нови смени 

од Vladimir Zorba
455 прегледи

Во Македонија се гине на работното место, а градежништвото е една од дејностите каде што има најмногу повреди и несреќи. Овој показател кој е самиот по себе алармантен е доволна причина однапред да се превземат сите заштитни мерки во однос на работниците коишто ќе работат на Коридорите 8 и 10 д.

Здружението за заштита при работа за „Локално“ укажува дека опасностите со кои ќе се соочат овие луѓе се веќе познати. Ќе работат на отворено на ниски и високи температури, на скеле, ќе ракуваат со тешки материјали; задачите ќе ги извршуваат на неуредни, лизгави и слабо осветлени места,  на висина. Заморот и прекувремените часови дополнително ќе им ја отежнуваат работата, па оттука неопходно е доследно спроведување на сите законски прописи доколку работодавачот сака да ги избегне фаталните последици.

Една од обврските на работодавачот која е предвидена со Законот за БЗР е изготвување на проценка на ризик во која се утврдуваат  работни места  на кои работникот може  да биде изложен пред се на високи температури и/или топлинско зрачење односно неповолни микроклиматски услови и се утврдуваат мерки кои работодавецот треба да ги превземе за намалување на ризикот на најмала можна мерка. Градежништвото е високоризичен сектор, но не е само безбедноста на работникот во опасност, туку и неговото здравје. Доколку работодавачот воведува прекувремена работа подолго од тоа, должен е да изврши прераспоредување на работното време или да воведе нови смени“, вели претседателот на МЗЗПР, Петар Наумовски.

Претседател на МЗЗПР, Петар Наумовски

Претседател на МЗЗПР, Петар Наумовски

Подеднакво важен аспект треба да биде и делот со обештетувањето во случај на настапување на несреќа на работа.

Од Здруженито посочуваат дека  работниците кои што се во редовен работен однос, со потпишаниот договор за вработување, во  ваков случај остваруваат надомест на штета, заради повредата здобиена на работа, и тоа како од осигурителната компанија, доколку се осигурани, а исто така можат да ја надоместат материјалната или нематеријалната штета од работодавачот. Притоа, надоместот на штета следува поради целосно или делумно губење на работната способност и во тој случај се остварува право на инвалидска пензија, за работниците кои што се социјално осигурани.

Покрај тоа, ако работникот доживее повреда на работа, или во врска со работата, има право и на паричен надоместок од работодавачот за настанатата штета, ако се исполнети два услова и тоа:1. мора да постои субјективна или објективна одговорност на работодавачот и2. работникот при работа не смее да биде невнимателен и не смее да работи без пропишаната заштитна опрема, односно не смее да се однесува спротивно со правилата за заштита при работа“, вели Наумовски од Здружението за заштита при работа.

Доколку пак работодавачот е одговорен за настанатата штета односно повреда, дури и кога работникот со своето однесување допринел за настанувањето на штетата, работникот има право на исплата на штета.

Според Наумовски, работодавачите воглавно својата одговорност за повреда на работникот на работното место ја осигуруваат во соодветното осигурувачко друштво, низ осигурување од граѓанска одговорност. Во тој случај, како што посочува тој, надоместот на штетата се проследува на соодветната осигурителна компанија, која врз основа на утврдената одговорност ја утврдува висината на штетата. Доколку работодавачот не го осигурал работникот заради граѓанска одговорност, надоместот на штетата може да се бара директно од работодавачот.

Многу од овие обврски испишани на хартија треба да и да се реализираат во пракса, а јавноста се надева дека работниците кои ќе бидат ангажирани на Коридорите  нема да бидат исклучок. На иста линија се и Здружението и Синдикатите– апелираат да не се жртвува работникот  за изградба на коридорите 8 и 10Д.  Во интерес на зачувување на нивната безбедност и здравје, но и спречување на секаков вид фатални последици предлагаат да се вработат повеќе луѓе, наместо да се воведува подолга работна недела, како дел од можните решенија.

Во моментов се работи на новиот предлог на Законот за безбедност и здравје при работа, а Здружението за заштита при работа се надева дека ќе биде во насока и дополнително надградување на веќе воспоставената  национална политика која има за цел градењена безбедносна култура на работа и унапредување на здравјето на професионално изложените работници.

К.В.С.

Слични содржини