Здружението на Инженери на Република Македонија (ИРМ) известува дека упатиле барање за доставување на податоци согласно Тарифниот систем за продажба на електрична енергија до компанијата ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, како универзален снабдувач со електрична енергија.
-Во согласност со Тарифниот систем бр. 01-2437/1 од 17.11.2023 година, побаравме од ЕВН доставување на низа информации од суштинско значење за транспарентноста на процесот на формирање на цените на електричната енергија, меѓу кои се:
Финансиски извештаи и бруто биланси за 2023 и 2024 година,
Податоци за набавена и планирана електрична енергија за 2023, 2024 и 2025 година,
Број на домаќинства и мали потрошувачи, како и нивната потрошувачка во последните 12 месеци,
Локации на веб страните од јавно објавените предлог-одлуки и мислења од јавноста,
Објаснување за математичките методи за формирање на цените и применетите коефициенти.
Ова барање е поднесено поради сомневања за можни несогласувања во објавените цени и коефициенти при формирањето на цената на електричната енергија, за кои е потребно детално образложение и транспарентна проверка. Целта е да се обезбеди јавно одговорно и отчетно управување со процесот на одредувањето на цената, што е од исклучителен јавен интерес, информираат од ИРМ.
Очекуваат целосен одговор во рок од пет дена, идентично како роковите што се пропишано со Тарифниот систем при прибирањето на мислења и предлози од јавноста во врска со Предлог одлуките за цените кои ги носи универзалниот снабдувач ЕВН.
-Во врска со одлуката за формирање на продажни цени за вршење на енергетската дејност снабдување со електрична енергија на потрошувачи кои ги снабдува универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје Бр. 02-1129/2-1 од 20.12.2024 година, а поради сомневање за можни грешки во коефициентите за кои не можеме ја утврдиме нивната точност, бараме објаснување:
1) Како се добиени цените на пресметковните елементи во износ од 15,1845 ден/kWh за категоријата мали потрошувачи, ако утврдената просечна цена е 4,6244 ден/kWh, а коефициентите се 0,8296?
2) Како, според која математичка метода или формула се определени коефициентите за категоријата мали потрошувачи за четирите високите тарифи и ниската тарифа?
Сите овие податоци бараме да ни се достават електронски во рок кој не може да биде подолг од пет дена од денот на испратеното барање, што е идентично како и роковите кои се предвидени за прибирање на мислењата и предлозите од заинтересираните правни и физички лица во однос на предлог одлуката која ја објавувате на вашата веб страна согласно одредбите од член 14 став (2) од Тарифникот, стои во соопштението на ИРМ.