Здружението на контролори на летање го поддржува штрајкот на Синдикатот, од М-НАВ велат обвинувањата се тенденциозни и невистинити

од Nikola Popovski
269 прегледи

Здружението на контролорите на летање на Македонија (ЗКЛМ)  денеска соопшти дека дава целосна поддршка на барањата на Струковиот синдикат на контролорите на летање кој најави штрајк за 12 октомври и истакнува дека се поклопуваат со целите и програмата на ЗКЛМ.

-Најавениот штрајк од ССКЛ е кулминација на претходните наши континуирани заеднички барања за подобрување на целокупното функционирање на М-НАВ, чија примарна цел е овозможување на безбеден авио-сообраќај на небото над Р.С. Македонија и регионот. Овие наши заеднички барања се интензивираа во последните година и половина, за што се доказ бројните дописи до менаџментот, бидејќи условите во кои работиме се повеќе од срамни за компанија од оваа индустрија, наведува ЗКЛМ.

Тенденциозни и невистинити – вака раководството на М-НАВ ги оцени тврдењата на претседателот на Синдикатот на контролорите за летање, кој најави штрајк поради нерегуларности во процесот на вработувања и внатрешните прераспоредувања, како и поради застареноста на опремата во компанијата.

Во соопштението кое Управниот одбор на М-НАВ го испрати до медиумите се посочува дека вработувањата на контролорите на летање се спроведува согласно критериумите на Европската организација за безбедност на воздушната навигација (Евроконтрол) и интерните акти. Во последните две години, велат од М-НАВ, се примени 20 нови кадри, од кои 12 се здобиле со лиценца, а другите осум се во фаза на практична обука.

Синдикатот на контролори на летање  во АД во државна сопственост за услуги во воздухопловната навигација М-НАВ најавува штрајк на 12 октомври, при што во периодот од 11 до 17 часот нема да се опслужуваат воздухоплови на Скопскиот и Охридскиот аеродром. Велат дека незадоволството е големо поради наталожени проблеми од раководството на МНАВ – лоши услови за работи и наместени огласи.

На неповолните состојби, како што вели, укажуваат долго време, а го информирале и Министерството за транспорт.

Синдикатот обвинува за партиско-клиентелистичко вработување на луѓе по нарачки, плус со несоодветно образование, до степен на превработеност во Контролата на летање.

МНАВ е институција со сопствени тела за менаџирање и своја програма за работа и сопствен буџет. Согласно меѓународните стандарди, МНАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Еуроконтрол и на меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај, на кој што е членка.

Слични содржини