Здружението на судии на Македонија: Убиството на судијата од Албанија е сериозен напад врз независноста и достоинството на судиската функција

„Владеењето на правото е можно само кога судството е заштитено од каков било притисок или закана. Судиите мора да ја извршуваат својата работа слободно“, велат од Здружението на судии на Македонија

од Nikola Popovski
14 прегледи

Здружението на судии на Република Северна Македонија со најдлабоко жалење и искрено сочувство реагира на трагичниот настан што се случи во соседна Република Албанија, каде што судија беше смртно застрелан при вршење на својата службена должност. Оттаму велат дека овој чин претставува сериозен напад врз независноста и достоинството на судиската функција и е потсетник дека судиите мора да можат да ја извршуваат својата работа слободно, професионално и без страв за личната безбедност.

-Владеењето на правото е можно само кога судството е заштитено од каков било притисок или закана. Здружението упатува апел до сите релевантни институции и чинители во општеството да придонесат кон зачувување на достоинството и безбедноста на судиската професија. Воедно, повикуваме на особена внимателност во јавното коментирање на судските постапки и носителите на судската власт, особено од страна на влијателни поединци и структури, бидејќи неодмерените изјави можат да создадат атмосфера на недоверба и притисок, што индиректно може да поттикне несакани и трагични настани, стои во соопштението.

Здружението на судии останува посветено на промовирањето и заштитата на независноста, непристрасноста и безбедноста на судиите, како основа за праведно и демократско општество.

Вчера во Тирана се случи трагичен настан откако судијата на Апелациониот суд во Тирана, Астрит Каљаја беше убиен во вооружен напад што се случи во судницата. Напаѓачот влегол во судницата за време на рочиштето и го застрелал судијата, по што биле ранети уште три лица.

Три други лица биле ранети во вооружениот инцидент, а напаѓачот бил уапсен на местото на настанот без отпор, соопшти албанската полиција.