Од ОНЛАЈНМЕДИА потенцираат дека ниту една политичка партија во Македонија нема право јавно политички да се пресметува, да дискредитира или да етикетира медиуми и новинари. Според здружението, кај СДСМ се забележува загрижувачки континуитет на јавно политичко дискредитирање, етикетирање и навредување на медиуми, цели новинарски редакции и поединечни новинари.
„Политичките партии мора да го надминат ваквиот пристап и да разберат дека критиката упатена од медиумите и новинарите кон нивната работа е легитимна и демократска појава, која треба да се прифати како забелешка и корекција на нивното политичко дејствување“, се наведува во реакцијата.
Од здружението нагласуваат дека медиумите имаат улога на коректор на власта и на политичките субјекти, а сите политички чинители треба да покажат капацитет за демократско делување, почитување на слободата на изразување и независноста на медиумите.
ОНЛАЈНМЕДИА апелира до сите политички актери да се воздржат од јавни напади врз медиумите и новинарите и да придонесат кон унапредување на демократската култура и слободата на медиумите во земјата.