Поранешниот директор на УБК и поранешен советник на премиерот Зоран Заев, Миле Зечевиќ ќе биде предложен за нов генерален секретар на СДСМ, информира денеска новиот лидер на владеачката партија, Димитар Ковачевски.
Ковачевски засега го потврдува Зечевиќ како ново име во новото раководство на СДСМ.
-Тоа е единственото кадровско решение што можам да го потврдам, за се друго е уште рано да се говори, изјавил Ковачевски за „Фокус“, додавајќи дека ќе се запази принципот на континунитет, ќе има и има освежувања, а ќе се ценат и досегашните перформанси на функционерите.
Претходно Зечевиќ најавуваше можна кандидатура на внатрепартиските избори, но сепак се премисли во последен момент.
-Најважно е внатрешната организација да ја направиш врз принципи каде што ќе го почитуваш секој поединец и нема да заборавиш кој ти помогнал и на каков начин. Имавме плејада на луѓе кои застанаа зад политиките на СДСМ во 2013 година и претходно се до 2017 година. Кога се презема власта во една тешка и специфична ситуација со два проблеми. Во оперативните капацитети мора да покажете апсолутно нешто што им е потребно на граѓаните. Граѓаните може не ги разбираат клучните придобивки од НАТО и ЕУ. Но ние се компарираме, сакаме квалитетен живот, добри улици, квалитетна храна, да живееме во еден простор кој личи и приличи на европско живеење, рече Зечевиќ неодамна.
На прашањето дали е фер што лидерот на СДСМ Зоран Заев застанал зад еден од кандидатите за нов лидер на партијата, Зечевиќ објасни дека премиерот во оставка проценил дека Ковачевски најмногу ќе придонесе за единство во партијата.
Како член на СДСМ, Зечевиќ својата политичка кариера ја започнал во 2001 година кога во широката коалиција неколку месеци бил шеф на кабинет на министерот за одбрана Владо Бучковски. По промената на власта во 2002 година, Зечевиќ неколку месеци бил заменик-генерален директор на ЈПАУ “Македонија”. При првата реконструкција на Владата на Црвенковски во 2003 година, Зечевиќ бил именуван за генерален секретар на Владата.