Бројот на заразени со вирусот КОВИД -19 од ден во ден расне, а децата се секогаш најчувствителна група без оглед за кој сој станува збор.
За среќа во февруари, детските животи се во добри раце на медицинскиот персонал на Институтот Козле и загуба на животи нема. Како што информира за „Локално“, директорот на Институтот Козле, д-р Бесник Зеќири, во моментот се хоспитализирани 26 деца и сите се во општа добра состојба, а на кислородна поддршка ниту едно дете нема.
– Бројот на хоспитализирани деца во Институтот Козле од Ковид-19 е стабилен. Што се однесува за месец февруари, има 26 хоспитализирани деца. Најмалото е 1.5 месечно дете, а најголемото е 13 годишно дете. Околу 60% од децата се од 0-3 години. Децата се во добра здравствена состојба и секој ден се повеќе се враќаме во нормала, секој ден по амбулантите има деца кои доаѓаат на преглед за настинки и за сезонски заболувања, а помалку за Ковид 19, вели Зеќири.
Голем број на наши сограѓани не успеаа да се спротистават на немилосрдната пандемија. Од почетокот на пандемијата беа загубени 8.851 човечки животи, а меѓу нив имаше и две деца. Директорот Зеќири вели дека и двете биле со коморбидитети.
– За цело време на пандемијата, за жал животот го загубија 2 деца, едно на 2 годишна возраст, другото на 15 годишна возраст и двете деца беа со коморбидитети, соопштува Зеќири.
Со оглед дека постои можност некое дете да се инфицира од родител, директорот смета дека и родителите треба да ги почитуваат превентивните мерки, со цел да се зачува и нивното, но и здравјето на детото. Тој ја поддржува мерката за следење настава со физичко присуство и вели дека хоспитализациите не се зголемени од таквата мерка.
– Апел до родителите е да се грижат за здравјето и животот на нивните деца, а и своето здравје, да се почитуваат мерките и дома и надвор, на отворено и во затворени простории. Секокаш вината да се бара кај себеси не кај другите лица и институции. Со отварањето на училиштата со физичко присуство не се зголеми бројот на хоспитализации на нашиот институт, а и во други болници, тоа се должи на тоа дека по училиштата се спроведуваат мерки од Министерството за образование и Министерството за здравство. Само треба да се продолжи со мерките. Секако маските треба да се носат во училишта и мора да се прави скрининг за превенција, вели директорот.
Денеска се регистрирани 1.117 позитивени случаи на КОВИД-19. Вкупната бројка на дијагностицирани лица изнесува 290.915 , а оздравени се 1.059 пациенти. Во последното деноноќие регистрирани се 22 починати лица, од кое едно е без коморбидитет.
М.А.