„Зелен хуман град“: Големите партии воведуваат диктатура на партизмот и брутална окупација на политичкиот простор

од Vladimir Zorba
507 прегледи

Големите партии воведуваат диктатура на партизмот и брутална окупација на политичкиот простор која е карактеристична само за режимски земји, а не за демократии. Ова е ставот на граѓанска иницијатива „Зелен хуман град“ во врска со воведувањето минимален праг од 2% од запишаните избирачи за независните листи да добијат право да се кандидираат на претстојните локални избори.

Од иницијативата му испратија отворено писмо на претседателот Стево Пендаровски со кое бараат да не стави потпис на најавените, како што велат, противуставни измени на Изборниот законик.

Од граѓанската иницијатива сметаат дека освен на Уставот и домашните закони, предложените измени се спротивни и на добрите меѓународни практики, поконкретно на препораките од Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР.

Писмото ви го пренесуваме во целост:

Почитуван г. Стево Пендаровски,

Ви се обраќаме по повод денешните изјави во јавноста, а во врска со договорените измени на Изборниот законик, односно член 62, со кој се уредува бројот на потписи потребни за кандидирање на независни советнички листи на претстојните локални избори, закажани за 17 октомври 2021 година. Нагласуваме дека членот 62 од Изборниот законик не бил сменет ниту еднаш откако законот е влезен во сила во 2006 година, а тоа се цели 15 години. Затоа, уште повеќе навредува денешната изјава на Претседателот на Владата г.Зоран Заев, во која стои дека „прагот за независните советнички листи со новите измени на Изборниот законик ќе биде утврден на 2% и тоа се должи на спроведување на препораката за унифицирање на прагот дадена од ОБСЕ”.

Ве известуваме дека се работи за груба манипулација од страна на големите политички партии кои се обидуваат да го попречат излегувањето на претстојните локални избори на независни групи на граѓани така што ги зголемуваат до апсурд бирократските пречки на процесот. Самиот чин на поднесување и усвојување на вакви законски измени по итна постапка, без измените во законскиот текст да им се достапни ниту на пратениците, на само неколку месеци пред одржувањето на редовните локални избори, силно ги разнишува вредностите на демократското општество. Сметаме дека ваквото постапување е во насока на заштита на интересите на големите политички партии и дополнително зголемување на нивната моќ, преку спречување на помалите независни групи на граѓани и граѓански активисти да се кандидираат на претстојните локални избори.

Најпрво, ако доследно се следат препораките, во Извештајот на ОБСЕ од 2017 г. е наведено дека „потписите за поддршка не треба да надминат еден процент од регистрираните гласачи” зашто тоа е спротивно на добрата практика. Се наведува и дека „Треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број на потписи за независните кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународните добри практики. Покрај ова, како што е претходно препорачано, треба да се размисли за обезбедување алтернативни методи за прибирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување”.

Понатаму, во Кодексот за добри изборни практики на Венецијанската комисија се предлага најмногу 1% како праг за неопходни потписи, заедно со олеснување на начините за собирање на тие потписи, односно ослободување на строгите бирократски механизми и под услов правилата за собирање потписи да не се користат за да ги спречат кандидатите да се кандидираат за функции каков што е случајот со најавените измени на Изборниот законик.

Според компаративниот пример од Хрватска, потписи за независни кандидати е дозволено да се собираат на улица со приложување на лична идентификација. Во Кипар и Малта, независните кандидати треба да докажат дека добиле поддршка од само четворица избирачи. Во Грција потребни се само 12 потписи за независни кандидати. Во Германија 200, во Данска помеѓу 150 и 200.

Дали демократијата во Македонија може да опстане со вака висок праг за кандидатура на независни кандидати, кои доаѓаат пред сè од граѓанскиот сектор? Во Изборниот законик веќе има премногу бирократски пречки за да се собере потребниот број на потписи. Задолжително е граѓаните да се потпишуваат само во подрачните, општински канцеларии на ДИК, а некои од нив се на недостапни и зафрлени места. Потоа, се дава рок од стриктно определени 15 дена кои почнуваат да течат од десеттиот ден од денот на распишување на изборите. И, се наоѓаме во период кога летните одмори се во полн ек, а граѓаните се надвор од градовите/општините во кои живеат.

Наместо големите партии, а особено актуелното владејачко мнозинство, да ги ослободи механизмите за поголема и еднаква вклученост на секој граѓанин во политичките процеси како што е утврдено со Уставот, тие се обидуваат дополнително да ги отежнат.

Потсетуваме дека политичката партија која е водач на парламентарното мнозинство, во 2016 г. апелираше до широкото граѓанство со зборовите „слобода, правда и демократија”. Според тоа, најмалку што може да се очекува по овие апели – и истакнатата декларативна заложба за демократизација на процесите во земјата – е оваа политичка партија да е предводник на антидемократски промени во Изборниот законик.

Она што граѓаните го очекуваат од власта и од политичките партии е да се намали актуелниот праг од 1.000 потписи за една независна листа да има право да се кандидира само на територија на Град Скопје затоа што илјада потписи за една општинска листа е идентично со бројот на потписи за основање политичка партија која има право да излезе на избори во сите изборни единици, а не само во една.

Ве известуваме дека доколку се усвојат вакви измени на Изборниот законик, тоа ќе значи прекршување на Уставот, поконкретно членовите 2, 9, 20, 23, 110, 115 и 117 во кои: – се штитат правата и слободите на граѓаните што се однесуваат на политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност; – се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички уверувања; – се гарантира правото на претставеност во локалната самоуправа.

Според податоците од последните изборни циклуси, партиите кои се вклучени во локалната самоуправа и националните институции претставуваат меѓу 30 и 40% од вкупното гласачко тело. А со оглед на многубројните меѓународни извештаи – се работи доминантно за клиентелистичко гласачко тело. Тоа значи дека градовите и земјата во целина со овој брутален удар врз демократијата ќе бидат држени во заложништво од клиентелистичко малцинство кое веќе 30 години само наоѓа нови начини како да ги задуши независниот граѓански глас и критичката јавност.

Затоа, бараме од вас да не ставите потпис на противуставни законски измени со кои се урива демократијата и со кои се окупира и монополозира политичкиот простор што е одлика на режимски земји, а не на демократии. Единствено бараме рамноправна шанса во политичката арена со цел да можеме да ги уживаме правата кои ни следуваат по Устав и закон. Најавуваме дека доколку се овозможи ова брутално газење по демократијата, ќе организираме протести. Нема да дозволиме да бидеме исклучувани и нема да се откажеме додека не си ги вратиме градовите назад.

Слични содржини