Зелено светло за концепцијата на МОН од телото кое ја имплементира конвенцијата на ООН на лицата со попреченост

272 прегледи

Националното тело за имплементација на конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Северна Македонија, ја поддржа Нацрт-концепцијата за основно образование на МОН.

Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, при Владата на Република Северна Македонија, направи анализа на Нацрт-концепцијата за основно образование и при тоа ги консултираше своите членови и партнери- организациите на лица со попреченост. Нацрт-концепцијата беше разгледана и анализирана на 2-рата одржана седница на Националното координативно тело од 30.12.2020 година при што даде поддршка и писмено се обрати до Министерството за образование и наука, со свои коментари и сугестии по истата.

Во соопштението од Националното координативно тело се потенцира дека, содржината на Нацрт-концепцијата ја анализираше преку принципите и начелата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, преку статусот, развојот и унапредувањето на образовните можности на ученците со претстојните концептуални промени, како и преку генералниот аспект на унапредување на образованието во државата воопшто, како процес кој со децении концептуално стагнирал.

Покрај образложение за аспектите на поддршка и потребата од носење на ваквата напредна Концепција која би обезбедила нов: фокус на процесот, надлежностите, обврските, правата, методолошки новите пристапи, клучна и достоинствена улога на наставникот и стручните служби, но и исклучително квалитетно употребно знаење за сите учениците на образовниот процес и ширина во можностите за инклузија и знаења за учениците со попреченост, Националното координативно тело предложи и неколку сугестии, како што се:

– сите политики и акти кои ќе произлегуваат од новата Концепција да се повикуваат и консултираат со Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, како и препораките кои произлегуваат од неа,

– осигурување и продолжување со заложбата за обезбедување на аспектот на пристапност и универзален дизајн, како предуслов за инклузивност и можностите за образование пристапно до секој ученик,

– обезбедување учество и вклученост во креирањето и реализацијата на сите репрезентативни организации на лицата со попреченост како и организациите на родителите на децата со попреченост, како исклучително важен предуслов, каде преку квалитетот на взаемната соработката во носењето, би се рефлектирал и во квалитет во реализацијата,

– потреба од персонално докомплетирање и неопходно обучување на стручните служби од аспект на методолошки пристап во инклузивните принципи и работа со учениците со попреченост, како и ревидирање на улогата на стручната служба со јасна определба на нејзините стручно-педагошки надлежности,

– потребата од креирање механизми кои ќе обезбедат гаранција дека сите ученици со попреченост кои се во инклузивно образование дека мора да бидат вклучени во задолжителните и изборните активности, како и во слободните активности во училиштето,

– да се обезбеди сигурност дека новата Концепција ќе рефлектира наставен процес чиј единствен центар на реализација ќе биде училиштето, односно со јасни норми ќе се ограничат обврските и задачите на учениците во рамки на семејството и домот, односно дури и при мала или делумна можност за тоа, целта на овие промени кои го нудат училиштето и активностите во него како фокус на образованието и воспитанието, ќе се девалвира.

Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Северна Македонија, очекува брзо усвојување на Нацрт-концепцијата и практично креирање на сите акти кои произлегуваат од неа, во кои со задоволство ќе даде свој стручен придонес.

Слични содржини