Првата дама на Украина, Олена Зеленска, во новото интервју за Би-Би-Си изјави дека Украина ќе ја издржи претстојната зима и покрај студот и прекинот на струја.
Зеленска рече дека Украина ќе продолжи да се бори во „војната, бидејќи – без победа не може да има мир“.
Во големото интервју за Би-Би-Си, Зеленска рече дека „Украинците се подготвени да го поднесат ова“.
„Имавме толку многу страшни предизвици, видовме толку многу жртви, толку многу уништувања, што прекинот на електричната енергија не е најлошото нешто што може да ни се случи“, рече Зеленска, потсетувајќи се на неодамнешното истражување во кое 90 отсто од Украинците рекоа дека се подготвени да живеат без енергија од две до три години ако ја видат перспективата за влез во Европската унија.
„Знаете, лесно е да се трча маратон кога се знае колку километри има“, вели Зеленска.
Меѓутоа, во овој случај, Украинците не знаат колку треба да истрчаат.
„Понекогаш може да биде многу тешко, но има некои нови емоции кои ни помагаат да издржиме“, вели таа.
„Сите Украинци ќе станат посилни поради оваа војна“, стоички предвидува првата дама на Украина, пишува Би-Би-Си.
Во интервјуто кое траеше речиси еден час, Зеленска не сакаше да каже кога последен пат семејството Зеленски вечерало заедно.
„Тоа се случува многу ретко овие денови, многу ретко“, вели таа.
„Живеам одвоено со моите деца, а мојот сопруг живее на работа“, објаснува Зеленска.
„Најмногу ни недостигаат едноставните работи – да седиме, не гледајќи во часовникот, колку што сакаме“.