Зеленски ја поздрави намерата на Кина да предложи излез од украинската криза

од Vladimir Zorba
111 прегледи

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ на Украина, Володимир Зеленски, позитивно ги оцени денеска најавите на Кина дека ќе објави документ со предлог за „политичко решение“ на украинската криза.

– Се уште не сум го видел документот. Рано е да се зборува за документот. Генерално, фактот што Кина почна да зборува за Украина и дека има некои сигнали е многу добра работа, изјави Зеленски во Киев, по средбата со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, пренесуваат агенциите.

Кина претходно најави дека оваа недела, кога се навршува една година од руската инвазија на Украина, ќе објави документ со своето предложено решение.

Зеленски оцени и дека се неопходни средби со кинески претставници и дека дипломатската порака е веќе испратена.

-Пожелно е Украина да има средби со Кина. Таа порака ја испративме преку дипломатски канали, рече Зеленски.

Водечкиот кинески дипломат Ванг Ји во саботата, на конференцијата за безбедност во Минхен, рече дека неговата земја ќе го претстави својот став за смирување на украинската криза во документ кој ќе ја нагласи неопходноста од почитување на територијалниот интегритет на сите земји.

– Предлагам сите, особено нашите европски пријатели, да почнат со ладна глава да размислуваат што треба да направиме за да ја запреме оваа војна, рече Ванг Ји и додаде дека „некои сили изгледа не сакаат преговорите да бидат успешни, ниту војната да заврши“, без да прецизира на кого точно мисли.

Слични содржини