Зеленски ја отфрли идејата за откажување од некоја територија во замена за мир со Русија

од Stefanija Kuzmanovska
164 прегледи

Украинскиот претседател Владимир Зеленски ја отфрли идејата за откажување од кој било дел од територијата на неговата земја во замена за потенцијален мировен договор со Русија.

Во интервју за Би-Би-Си пред годишнината на 24 февруари од почетокот на руската инвазија, Зеленски предупреди дека отстапувањето на територијата би значело дека Русија би можела „да продолжи да се враќа“ во Украина, додека западните оружја ќе помогнат да се доближат до мирот.

Зеленски предупреди дека планираната пролетна офанзива на руските сили веќе е започната.

„Руски напади веќе се случуваат од неколку правци“, рече Зеленски.

Сепак, тој верува дека украинските сили сè уште можат да се спротивстават на напредокот на руските трупи додека не бидат подготвени да започнат контраофанзива – иако тој ги повтори повиците до Западот да испрати поголема воена помош за Украина.

„Се разбира, модерното оружје може да го забрза мирот. Оружјето е единствениот јазик што Русија го разбира“, изјави Зеленски за Би-Би-Си.

Претседателот на Украина минатата недела имаше разговори со лидерите на Обединетото Кралство и Европската унија во обид да ја зајакне меѓународната поддршка и да побара модерно оружје за одбрана на неговата земја.

Кога Зеленски побара модерни борбени авиони, Риши Сунак, британскиот премиер, рече дека „може да се разговара за се“.

Сепак, властите во Киев се повеќе се фрустрирани од брзината на испорака на оружје од Западот.

Зеленски, исто така, одговори на заканата од Александар Лукашенко, претседателот на Белорусија, дека неговите војници ќе им се придружат на руските сили од територијата на неговата земја доколку макар и еден украински војник ја премине границата.

„Се надевам дека (Белорусија) нема да се приклучи на војната“, рече Зеленски.

„Ако се приклучи, ќе се бориме и ќе преживееме“.

Слични содржини