Зеленски: Американски пратеник шири руски наратив, Кина помага во руско вооружување

од Љубиша Владимиров
106 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на денешната прес-конференција изјави дека американскиот специјален пратеник Стив Виткоф го шири рускиот наратив за војната во Украина. Виткоф моментално се наоѓа во Париз заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио, на разговори со францускиот претседател Емануел Макрон. Минатата недела во Санкт Петербург, во неколку наврати се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Sky News.

Зеленски на пресот откри дека меморандумот за намери за долгоочекуваниот договор за минерали со САД би можел да биде потпишан за време на онлајн состанокот кој е закажан за четврток. Доналд Трамп се заложи за договор што ќе им овозможи на САД да земат дел од профитот од природните ресурси и критичните минерали на Украина, кои тој ги претставува како отплата за воената помош што САД ѝ ја дадоа на Украина во времето на претходниот претседател Џо Бајден.

Зеленски претходно ги обвини САД дека постојано ги менуваат условите на предложениот договор, но додаде дека не сака Вашингтон да мисли оти Киев е против постигнување договор. Украинскиот претседател, исто така, тврдеше дека Кина помага во производство на одредено оружје на руска територија.

„Веруваме дека кинеските претставници се вклучени во производството на одредени оружја на територијата на Русија“, изјави Зеленски, без да прецизира за каков тип оружје станува збор. Оваа изјава доаѓа откако украинската армија, на почетокот на април, зароби двајца кинески војници кои се бореле на руска страна во источна Украина.

Слични содржини