Зеленски: „Бахмут веројатно падна, сега останува само во нашите срца“

од Vladimir Zorba
404 прегледи

Првата руска граната падна на Бахмут на 17 мај минатата година. Речиси на годишнината од нејзиното пукање, водачот на руската платеничка армија Вагнер Евгениј Пригожин во саботата, позирајќи на уништениот градски плоштад, објави: „Денес точно напладне целосно го освоивме Бахмут“. Киев веднаш го демантираше неговото тврдење, па воениот портпарол Серхиј Черевати тврди дека украинските единици се уште се борат во самиот град.

Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Малиар на својот канал во апликацијата Телеграм напиша дека „жестоките борби“ во градот продолжуваат и дека украинските единици сè уште држат „индустриски и инфраструктурни објекти“, иако таа призна дека ситуацијата е „критична“.

Подоцна во саботата руското Министерство за одбрана издаде соопштение во кое и тоа тврди дека целиот Бахмут е под контрола на Русија и дека за тоа е одговорен Вагнер на Пригожин. Во исто време, Кремљ објави дека претседателот Владимир Путин им честитал на Вагнер и руските војници кои ја поддржале таа платеничка армија, ветувајќи им медали на оние кои тоа го заслужиле.

Во овој случај, Украинците не беа толку брзи во негирањето на руските тврдења: чекаа цела ноќ и дури во неделата наутро, како дел од поширокиот извештај за ситуацијата на сите боишта, објавија дека битките за Бахмут сè уште се водат. но без да прецизираат дали нивните војници се уште се во самиот град или се истуркани од него.

Претседателот Володимир Зеленски од Јапонија, каде што учествува на самитот на Г7, во неделата изјави дека „Бахмут сега е само во нашите срца“, пренесува агенцијата Асошиејтед прес. Тој призна дека верува дека градот паднал, но додаде: „Треба да разберете дека таму нема ништо, уништија сè. Денес Бахмут е само во нашите срца, таму нема ништо друго“, рече тој на прес-конференцијата со американскиот претседател Џо Бајден.

Слични содржини