Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во шпанскиот град Гранада за да учествува на самитот на Европската политичка заедница, форум за охрабрување на соработката меѓу повеќе од 40 земји што беше формиран по руската инвазија.
„Русија ја повреди Молдавија, се обиде да ја дестабилизира Грузија и да искине парчиња од телото од Украина. Мораме да останеме обединети. Потребна е јасна порака која вели дека Русија нема шанси. Токму сега имаме можност да ѝ нанесеме суштински пораз на руската агресија“, рече Зеленски на самитот, пренесе „Скај њуз“.
Зеленски им порача на европските лидери дека верува во Америка и покрај политичките бури и додаде дека Европа мора да биде подготвена на се: „Почитувани колеги, благодарение на Украина, вашите војници не се борат против Русија. Сигурен сум дека никој од вас не сака да знае како изгледа еден ден НАТО да мора да се заземе за еден од вас. Мора да победиме во Украина за да не се прошири агресијата на Путин“.