Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека верува оти двата клучни предизвици со кои се соочува светот во борбата против руската агресија се борбата против руската дезинформација и спречувањето на Москва да ги заобиколи санкциите воведени кон неа
„За жал, денес Русија контролира голем информативен простор. Не зборувам за Украина, туку за социјалните мрежи насекаде во цивилизираниот свет – Европа, САД, Африка и Латинска Америка. Русија инвестира многу пари во различни медиуми во други земји, како и во социјалните мрежи“, изјави тој за време на онлајн учеството на Шведската национална конференција за општество и одбрана.
Како што додаде, независните медиуми во тие земји ги земаат руските приказни што ги шират „пропагандистите“ и ги прикажуваат во јавноста, не како нечие мислење, туку како реалност.
„Затоа сум убеден дека еден од најголемите предизвици е борбата против руските дезинформации ширум светот. На нас професионалците, почнувајќи од разузнавачите до независните новинари, останува да ги следиме и да ги „исчистиме“ дезинформациите“, рече Зеленски, пренесе „Украинска правда“.
Друг предизвик, посочува Зеленски, е да се спречи Русија да ги заобиколува санкциите што и се воведени.
„Русија научи да ги заобиколува санкциите. Од проектилите кои беа употребени против нас, видовме дека се произведени во многу земји во светот. За жал, производителите или компаниите посредници во Европа, САД или пошироко и помагаат на Русија да ги заобиколува санкциите. Би обрнал внимание на ова, конкретно, на вниманието на властите додека ги спроведуваат санкциите“, рече украинскиот лидер.