Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли предлогот на Владимир Путин за тридневно примирје за 9 мај, велејќи дека „Украина не може да ја гарантира безбедноста на светските лидери во Москва на 9 мај“.
Зеленски, како што објави УНИАН, инсистира на 30-дневен прекин на огнот.
За време на разговорот со новинарите, претседателот изјави дека „не сака да си игра со кратките примирја предложени од Путин“.
Зеленски рече и дека неговата кратка средба со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, што се одржа на маргините на погребот на папата Франциск во Ватикан пред една недела, била најдобрата меѓу нив досега.
Зеленски во коментарите објавени од неговата претседателска администрација рече дека тој и Трамп се согласиле оти 30-дневниот прекин на огнот меѓу Киев и Москва е вистински прв чекор кон мир во војната во Украина, објави Ројтерс.
Украинскиот претседател додаде дека го покренал прашањето за санкциите за време на состанокот и дека одговорот на Трамп на ова прашање бил „многу силен“.