Претседателот на Украина Владимир Зеленски пред самитот на НАТО во Вилнус изјави дека Украина ќе биде во Алијансата.
„Сега се уште работиме на формулацијата, односно на конкретните зборови на потврдата, но веќе го разбираме фактот дека Украина ќе биде во Алијансата, работиме на тоа алгоритмот за членство да биде што појасен и побрз“, рече Зеленски во видео обраќање.
Според него, „дури и да се изразат различни ставови, сепак е очигледно дека Украина заслужува да биде во Алијансата“, пренесува „Интерфакс Украина“.
„Не сега. Сега е војна, но ни треба јасен сигнал. А сигналот е потребен токму сега“, нагласи Зеленски.
Тој смета дека мнозинството од Алијансата е јасно за Украина.
„Кога аплициравме за членство во НАТО, искрено кажавме дека Украина веќе де факто е во Алијансата. Нашето оружје е оружје на Алијансата. Нашите вредности се она во што верува Алијансата“, рече Зеленски, додавајќи дека самитот во Вилнус мора да го потврди тоа.
Самитот на НАТО денеска и утре се одржува во Вилнус, главниот град на Литванија, а една од главните теми ќе биде Украина.