Во отменото одморалиште Форте деи Марми на брегот на Тиренското Море во Тоскана, претседателот на Украина Володимир Зеленски и сопственикот на руската приватна воена организација „Вагнер“ Евгениј Пригожин имаат свои приватни вили во непосредна близина, пишува „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.
Слободно може да се каже дека од вилата Зеленски до вилата Пригожин има само пет минути пешачење низ мирното соседство Виторија Апуан, под сенката на стогодишните борови и расцутените бугенвили во ова луксузно одморалиште, соопшти германскиот весник.
Меѓутоа, Зеленски и Пригожин не летуваат во ова луксузно одморалиште, бидејќи заедно со своите војници или платеници 17 месеци жестоко се борат еден против друг, во Донбас, Крим и Дњепар.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, или италијанската компанија што ја застапува неговата сопруга Олена, купи вила на улицата Виа Матео Цивитали пролетта 2019 година, во време кога Зеленски сè уште беше само претседателски кандидат.
Според италијанските медиуми, куповната цена на тој имот со 15 соби и базен во добро уредена градина била околу 3,9 милиони евра, а сопругата на украинскиот претседател ја користела оваа куќа најмногу еднаш, и тоа во првото лето на руско-украинската војна во 2022 година.
Семејството на Пригожин веќе некое време е во овој мал град во крајбрежната Тоскана.
Одморалиштето Форте деи Марми стана отмена дестинација за аристократијата и богатите Италијанци пред околу еден век, кога основачот на компанијата Фиат Едоардо Ањели беше меѓу првите кој купи вила.
Вила Арина во Виа Фратели Рочели во Форте деи Марма индиректно припаѓа на семејството на Евгениј Пригожин, шеф на руската приватна платеничка група „Вагнер“.
Во име на Пригожин, руски претприемач во 2017 година ја купи оваа луксузна двокатна куќа од 400 квадратни метри со градина од 16 хектари и базен, за околу 3,5 милиони евра, а оттогаш секој руски олигарх кој се грижи за себе купил недвижен имот во ова место.
Последната година пред пандемијата, повеќе од 15.000 Руси летуваа во Форте деи Марми, но во периодот на изолација на пандемијата во 2020 и 2021 година, а потоа и санкциите наметнати од Запад кон Русија, бројот на руски туристи се намали.
Оваа година, во првата сезона по официјалниот крај на пандемијата, речиси 10.000 Руси летуваат на ова место во северозападна Тоскана.
Според тврдењата на хотелиери, ресторани и локални политичари, никогаш немало никакви проблеми меѓу Русите и Украинците во Форте деи Марми – ниту пред избувнувањето на конфликтот во Украина, ниту потоа.
Како што е наведено, и Русите и Украинците се подеднакво популарни меѓу деловните луѓе и туристичките работници бидејќи припаѓаат на групата „големи потрошувачи“.