Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги променил своите планови и по политичките состаноци во Берлин, се вратил директно во Киев, наместо да патува во Ахен за доделувањето на наградата Карло Велики на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Како што дознава „Шпигел“, причината е сериозната безбедносна ситуација во Украина, особено руските војници собрани во близина на градот Суми на североистокот од земјата. Според украински извори, Русија таму концентрирала околу 50.000 војници, што се смета за подготовка за можна офанзива.
Според информации од безбедносните кругови, Зеленски проценил дека неговото доаѓање на свечена церемонија во странство би било несоодветно со оглед на ситуацијата во неговата татковина.
За време на престојот во Германија, Зеленски во вторник се сретна со германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој вети понатамошна поддршка на Украина во набавката на ракети со долг дострел. Тој се сретна и со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и претседателката на Бундестагот, Јулија Клекнер.
По приближно единаесет часа поминати во Берлин, авионот на Зеленски се вратил во Киев околу 20 часот по локално време.