Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес објави дека „Коалицијата на волните“ поддржала безусловно и целосно примирје во Украина во траење од 30 дена, кое треба да стапи на сила на 12 мај.
„Се согласивме дека целосно и безусловно примирје треба да започне во понеделник, 12 мај, за период од најмалку 30 дена. Заедно го бараме ова од Русија. Знаеме дека САД нè поддржуваат во ова. Безусловно примирје значи – без никакви услови. Обидот за наметнување какви било услови е доказ за намерата за одолговлекување на војната и нарушување на дипломатијата. Примирјето мора да биде сеопфатно во воздух, на море и на копно“, нагласи Зеленски, по денешниот состанок на „Коалицијата на волните“ во поддршка на Украина во Киев.
На него присуствуваа францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот и полскиот премиер Кир Стармер и Доналд Туск, со онлајн учество на околу 30 лидери на ЕУ и НАТО, пренесува Укринформ.