Зеленски критикуваше украински генерал: „Во иднина да не носите вакви одлуки без мене“

од Stefanija Kuzmanovska

Украинскиот претседател Владимир Зеленски критикуваше генерал поради драконските ограничувања за патување на воените регрути.

Зеленски го критикуваше главниот командант на украинската војска во вторникот на крајот од неговиот ноќен телевизиски брифинг, а аналитичарите се прашуваат дали реакцијата на Зеленски може да ја одрази фрустрацијата поради неодамнешните загуби на бојното поле, пишува „Телеграф“.

„Имаше многу негодувања поради одлуката на Генералштабот на вооружените сили на Украина дека одредени дозволи за движење ќе бидат потребни за војници, регрути и резервисти. Го молам Генералштабот во иднина да не носи вакви одлуки без мене“, рече Зеленски.

Имено, ден претходно, генералот Валериј Залужни, командант на украинските вооружени сили, им наредил на дојденците и доброволците да не ги напуштаат своите домови, освен ако не добијат посебна дозвола.

Надлежните тврдат дека ваквата одлука била неопходна за да се забрза мобилизацијата, но веднаш предизвикало незадоволство кај голем дел од Украинците, кои сметаат дека одлуката е драконска и тврдат дека ги загрозува основните права на граѓаните.

„Оваа одлука бара објаснување. Ако мажот сака да оди во соседна област на еден ден за да го посети своето семејство, мора да чека на ред и да добие дозвола?“, е само една од поплаките што ги објави британскиот весник.

Други сметаат дека таквиот систем може да овозможи злоупотреба на положбата и ширење на мито и корупција, кои веќе се присутни во Украина.

Слични содржини