Меморандумот од Будимпешта „не успеа“ и стана „празен муабет“, а сега Украина гради нова безбедносна архитектура, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Вчера, на седницата на Советот за безбедност на ОН за Украина, тој истакна дека Киев добива помош од своите европски сојузници и САД во овој поглед, пренесува УНИАН.
Тој нагласи дека Меморандумот од Будимпешта, кој беше потпишан за да се гарантира безбедноста на Украина во замена за откажување од нуклеарно оружје, не успеа и дека овој неуспех докажа дека меѓународните ветувања можат да се претворат во празни зборови.
„Затоа денес, заедно со Велика Британија, Франција и повеќе од 30 земји во нашата „коалиција на волните“, градиме нова безбедносна архитектура. Сметаме на сигурна поддршка од САД“, истакна Зеленски, додавајќи дека вистинските безбедносни гаранции мора да станат линија што Русија повеќе не може да ја премине.
Русија ја продолжува најголемата војна во Европа од Втората светска војна без да биде казнета
Зеленски изјави и дека Русија, како членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, прави сè што може за да ја продолжи најголемата војна во Европа од Втората светска војна без да биде казнета.
„Со користење на правото на вето, (Русија) купува влијание и „го става мирот на чекање“, рече тој за време на говорот пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, објави Ројтерс.
Тој истакна дека Кина има свои претставници во Советот за безбедност на ОН и ја опиша како „моќна нација на која Русија целосно се потпира“.
„Без Кина, Русија на Путин е ништо“, рече Зеленски, додавајќи дека Кина премногу често молчи и е дистанцирана, наместо да биде поактивна кога станува збор за мир.
Зборувајќи за Соединетите Американски Држави, со чиј претседател Доналд Трамп се сретна пред неговиот говор, Зеленски рече дека очекува потезите на Вашингтон да ја насочат Москва кон мир.
„Се сретнав со претседателот Трамп, со кого разговаравме како конечно можеме да постигнеме мир. Разговаравме за неколку добри идеи, се надевам дека ќе вродат со плод. Благодарен сум за таа средба. Москва се плаши од Америка и ѝ обрнува внимание“, рече Зеленски.