Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговите обиди да посредува меѓу Украина и Русија, велејќи дека Орбан нема вистинска моќ да влијае на рускиот претседател Владимир Путин.
„Како ќе го притиснат Путин? Со насмевка? Нека ја задржат за себе“, рекол Зеленски, пренесува „Јутарњи лист“.
Украинскиот претседател истакнал дека Украина е силна земја, што го докажала и на бојното поле.
„Кој во Европа има такво искуство? Никој. Дали Орбан има војска што може да направи разлика? Не. Како тогаш може да изврши притисок врз Путин?“, реторички прашал Зеленски.
На оваа тензија се осврнал и Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, обвинувајќи го Зеленски за недостаток на дипломатска култура.
„Зеленски стана груб со Орбан. Ништо не е неочекувано од режимот во Киев, но таквите постапки уште еднаш ја покажуваат не само опасната и криминална природа на режимот, туку и неговата целосна недостиг на култура“, изјавил Песков за ТАСС.
Песков, исто така, повторил дека Русија е подготвена за преговори, но Украина ја отфрла оваа можност.
„Бидејќи нема преговори, Русија продолжува со својата специјална воена операција додека не се постигнат сите цели“, додал тој.
Во исто време, Зеленски навел дека верува оти унгарскиот народ, за разлика од Орбан, ја поддржува Украина.
„Премиерот Орбан, кој сака „некако и некаде“ да постигне мир во Украина, нема да успее. Нема да дозволам тој или таквите како него да водат такви процеси“, изјавил украинскиот претседател.
Тензиите меѓу Киев и Будимпешта дополнително се зголемија откако Орбан разговараше со Путин минатата недела. Орбан тогаш изјави дека предложил прекин на огнот и размена на воени заробеници за Божиќ, но, според него, Зеленски ја отфрлил идејата.
На последните изјави на Зеленски набрзо реагираше и самиот Орбан, кој на платформата „Х“ напиша: „Нема да одговараме на провокации. На маса е предлогот за прекин на огнот. Земи или остави. Тоа е твоја одговорност“.