Зеленски: Ни претстои најтешката зима, без извоз на гас и јаглен

од Stefanija Kuzmanovska
285 прегледи

Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска објави дека неговата земја го прекинува целиот извоз на јаглен и гас во пресрет на, како што нагласи, „најтешката зима во сите години од стекнувањето независност“, пренесува ТАСС.

„Поради војната тоа навистина ќе биде најтешката зима во сите години на независноста. Во овој период нема да го продаваме нашиот гас и јаглен во странство. Целото домашно производство ќе биде насочено кон задоволување на домашната побарувачка“, рече Зеленски во видео обраќањето на каналот на Телеграм.

Премиерот Денис Шмигал рече дека производството на јаглен во украинските рудници е намалено за една третина од крајот на февруари, кога започна руската воена операција во Украина, и препорача населението „да се подготви за најтешката грејна сезона во Украина“, јави ТАСС.

Владата ѝ наложи на државната компанија за нафта и гас „Нафтогас“ да акумулира најмалку 19 милијарди кубни метри гас во подземните складишта на Украина.

Според украинскиот премиер, земјата ја заврши претходната грејна сезона со преостанатите девет милијарди кубни метри гас во складиштата, а од први јуни овие резерви изнесуваа 10 милијарди кубни метри гас, пренесе ТАСС.

Слични содржини