Украинскиот претседател Владимир Зеленски е во официјална посета на Полска, што е негова прва посета на еден од најблиските сојузници на Киев од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
За време на средбата со полскиот претседател Анджеј Дуда во Варшава на Зеленски му беше доделена највисоката полска почест, Орденот на белиот орел, пренесе Си-Ен-Ен.
Украинскиот лидер помина низ Полска кога во претходните месеци беше на пат кон посети на Соединетите Американски Држави и Велика Британија, но денешната посета ја означува неговата прва посета посветена на земјата која прими повеќе од еден милион украински бегалци и го предводеше патот во поттикнувањето на партнерите во НАТО да му испрати на Киев повеќе воена опрема.
Исто така, за разлика од претходните патувања, Зеленски денеска е во придружба на неговата сопруга.
„Вие не ја напуштивте Украина, стоите со нас рамо до рамо и ние сме ви благодарни. Веруваме дека ова е историска врска“, рече Зеленски на заедничката конференција со Дуда.
„За вашиот личен однос кон нашиот народ, милиони Украинци кои најдоа засолниште во Полска, кои тука се чувствуваат како дома – сакам да ѝ се заблагодарам на целата полска нација за сето ова“, додаде Зеленски.
Дуда, пак, за време на церемонијата на доделувањето на Орденот на белиот орел во Претседателската палата истакна дека Зеленски е „човек со извонредни квалитети“.
„Тој е уникатен човек. Ти, Владимир, си единствен“, му рече Дуда на Зеленски.