Украинскиот претседател Володимир Зеленски истакнал дека Украина нема да прави никакви отстапки кон Русија за да се постигне прекин на огнот.
Коментарите на украинскиот претседател уследија по извештајот на Ен-Би-Си за приватни разговори што САД и ЕУ ги водат со Киев за мировните преговори со Русија, како и интервјуто во кое врховниот командант на украинските вооружени сили, генерал Валериј Залужни, изјави за „Економист“ дека војната е „во мирување“.
Зеленски ги отфрли ставовите на генералот и ги негираше извештаите дека Украина е под притисок за преговори за војната. Тој повтори дека целта на Киев е да ги протера руските војници од целата окупирана територија и да го врати Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.
„Враќањето на суверенитетот е клучниот принцип за завршување на војната. Меѓутоа, Русија во овој момент едноставно не го сака тоа и го замислува светот на свој начин“, рече Зеленски и додаде дека втората фаза од војната е „обнова на правдата“.