Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изјави дека за време на денешната ненајавена посета на Киев на американскиот претседател Џозеф Бајден, разговарал со него за „оружје со долг дострел и оружје што може да се испорача, а кое сè уште не е доставено во Украина“.
Зеленски истакна дека посетата на Бајден е исклучително важен сигнал за поддршка на Украина и Украинците, како и дека Бајден и американското општество се заедно со Украина од самиот почеток на војната во целосен обем што ја започна Русија, пренесува украинскиот „Интерфакс“.
„Првиот телефонски повик со поддршка за Украина беше од Белата куќа. Ви благодариме за вашето лидерство. Ви благодариме за вашата двопартиска поддршка, за поддршката на Конгресот“, рече Зеленски.
Зеленски: За нас е важно Кина да не ја поддржи Русија
Зеленски наведе дека е важно Кина да не ја поддржи Русија, бидејќи, додава, здружувањето на тие две земји би довело до нова светска војна.
„За нас е важно Кина да не ја поддржува Русија во оваа војна. Всушност, би сакал Кина да биде на наша страна. Меѓутоа, во овој момент верувам дека тоа не е можно“, изјави Зеленски, пренесува „Ројтерс“.
Тој рече дека се уште гледа можност за прагматичен пристап на Кина кон она што се случува во Украина.