Украинскиот претседател Володимир Зеленски за прв пат призна дека украинските сили се борат во руската област Курск и рече дека операцијата е дел од напорите на Киев да го „притисне агресорот“.
Украинските сили во вторникот извршија инвазија на руска територија, а Зеленски досега молчеше за таа операција.
Во саботата вечерта тој призна дека разговарал за тоа со командантот на украинската армија Олександар Сирски.
„Денеска добив неколку извештаи од командантот Сирски во врска со линиите на бојното поле и нашите дејствија на територијата на агресорот“, рече тој, цитиран од ДПА.
„Благодарен сум на секоја единица на нашите одбранбени сили. Украина докажува дека може да го обезбеди потребниот притисок врз агресорот“.
Воведени „антитерористички мерки“
Тој ја пофали способноста на војската да „изненади“ и им се заблагодари што ги заробиле руските војници за да се користат во идните преговори.
Украинските сили ја пробија границата во вторникот, изненадувајќи ја руската војска по неколкумесечниот постепен напредок на руските сили во источна Украина.
Украинските војници навлегоа до 20 километри во областа Курск, што е најголемиот украински напад на руска територија од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Повеќе од илјада украински војници, поддржани од десетина тенкови и уште дваесет оклопни возила, ја нападнаа Русија, соопшти Генералштабот на руската армија.
Се водат тешки борби, а руските политичари и војската велат дека тоа е украинска „инвазија“.
Руските новински агенции објавија дека Националниот антитерористички комитет вовел антитерористички мерки во областа Курск и во блиските региони Брјанск и Белгород.
Новинската агенција РИА објави дека мерките вклучуваат можно раселување на жителите, ограничувања во сообраќајот, зголемена безбедност околу чувствителните места и прислушување на комуникациите.
Десетици повредени во областа Курск
Ноќта од саботата кон неделата, најмалку 13 лица беа повредени во градот Курск кога остатоци од украинско беспилотно летало соборено од руската противвоздушна одбрана паднаа врз станбена зграда од девет ката, соопштија претставници на Курската област.
Вршителот на должноста началник на таа област Алексеј Смирнов на Телеграм објави дека две повредени лица се во тешка состојба, пренесува Ројтерс.
Градоначалникот на Курск, Игор Кучак изјави дека е на сила предупредување за воздушна закана за целиот град Курск. Тој објави фотографија од станбена зграда каде се уништени прозорците, а оштетени се балконите и фасадата.
Остатоците од украинскиот дрон, кој беше соборен од руската противвоздушна одбрана, ја оштетиле административната зграда и комуналните објекти во градот Воронеж во југозападна Русија, соопшти утрово началникот на областа Воронеж, Александар Гушев. Тој на Телеграм напиша дека во тој напад нема повредени.
Министерството за одбрана тврди дека во текот на ноќта над пет руски региони биле соборени 35 украински беспилотни летала и четири ракети „U-точка“.