Зеленски пред британскиот парламент: Ќе се бориме до крај, на море, на копно и во воздух

од Vladimir Zorba
299 прегледи

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во видео обраќање до британските пратеници рече дека војната во Украина може да се спореди со напорите на британските војници во Втората светска војна.

– На првиот ден од конфликтот, во четири часот по полноќ бевме нападнати со крстаречки ракети. Луѓе, деца, цела Украина се разбуди и оттогаш не спиеме. Сите се бориме за нашата земја – рече Зеленски.

Тој потоа објасни како се одвива војната од ден на ден, велејќи дека постојано се гранатира низ целата земја.

„Тоа сепак не нè скрши“, рече тој.

Зеленски потоа го спомена нападот на најголемата нуклеарна централа во Европа и средбата со НАТО, која не заврши според очекувањата.

„НАТО не работи како што треба“, рече Зеленски, мислејќи на неуспехот да се воведе зона за забранети летови.

Зборувајќи за ситуацијата во Мариупол, тој рече дека луѓето веќе почнале да паничат, а потоа рече дека во саботата загинале повеќе од 50 деца.

– Тоа се деца кои можеа да живеат, ни ги зедоа – рече при своето обраќање.

Посочи дека Украина никогаш нема да се откаже, дека нема да загуби.

– Ќе се бориме до крај, на море, на копно и во воздух. Ќе ја продолжиме борбата по секоја цена – рече тој.

На крајот побара од Британците да и помогнат на Украина, а потоа побара од нив да извршат уште поголем притисок врз Русија и да ја признаат како „терористичка земја“.

Неговиот говор пред британскиот парламент беше проследен со аплауз од присутните.

Да потсетиме, ова е прв пат странски лидер директно да им се обрати на британските пратеници, поради што многумина го нарекуваат историски.