Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја предупреди Европа дека без Украина „нема шанси“ против Русија.
Тој додаде дека победата на Украина е од витално значење за запирање на Кремљ пред да го нападне остатокот од Европа.
– Европа без украинската армија нема да може да се справи со руската армија бидејќи таа е бројно супериорна. Русија има повеќе оружје, повеќе луѓе и е посурова од Европејците“, изјави Зеленски за полскиот медиум Онет.
Тој додаде дека без украинските сили, Европа нема шанси, а рускиот претседател Путин го знае тоа и зборува за тоа во своите кругови, објави „Политико“.
– Затоа, ако Украина не се одбрани, тој брзо ќе тргне напред, тоа е факт. Апсолутно сум убеден во тоа“, рече Зеленски.
Киев има речиси милион војници, изјави украинскиот претседател претходно овој месец, убедливо најголемата армија во Европа, освен руската.
Зеленски рече дека западните сојузници на Украина не ја сфаќаат големината на експанзионистичките амбиции на рускиот претседател, кои нордиските и балтичките земји, Полска и Романија одамна ги прифатија.
– Западот не сака да ја признае единствената вистина за Русите, а тоа е дека тие ќе продолжат понатаму. Овој факт ги содржи одговорите на сите прашања. Зошто да не се зајакне Украина што е можно повеќе, да се зголеми нејзиното домашно производство за вооружените сили“, додаде тој.
Изјавите на Зеленски доаѓаат додека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се подготвува да ја преземе функцијата на 20 јануари, додека тој постојано се заканува дека значително ќе ја намали помошта за Украина и брзо ќе ја заврши војната.